Опис на проектот

Младите се нашата иднина, но истовремено и нашата сегашност. Можностите што денес се создаваат за младите, ги поставуваат темелите за тоа што економиите ќе можат да постигнат утре. Преку вработување, младите можат да ги реализираат сопствените желби и амбиции, да ги подобрат своите услови за живот и да ги исполнат своите одговорности, не само како фактори на продуктивност, туку и како граѓани. Создавањето можности за вработување за младите, ги прави економиите посилни.

Република Северна Македонија, Романија и Италија се соочуваат со многу предизвици при вработувањето на млади лица. Дополнително, КОВИД-19 има сериозно влијание врз вработувањето на младите, што дополнително ќе влијае на веќе високата стапка на невработеност.

Споделувањето на знаења и искуства, преку интеграција на младите во општеството и на пазарот на трудот, беше поврзувачката точка при креирањето на проектот “Иницијатива за младинско вработување”, којшто е фокусиран на развој на иновативни вештини и алатки кои ќе можат да бидат искористени од младите лица и нивните едукатори, а истите ќе имаат корист во нивниот секојдневен живот и работа.

Проектот “Иницијатива за младинско вработување” има за цел да даде придонес кон намалување на бројот на млади кои не се дел од едукативниот систем, се невработени, или не земаат учество во обуки, преку обезбедување на услуги за поддржано вработување за маргинализирани млади лица, спроведувани од младински обучувачи.